Голеада на „Вила Парк“ ни приредија екипите на Астон Вила и Брентфорд во 32.коло од англиската Премиер лига, играјќи 3:3.
Фудбалерите на Астон Вила одиграа одлично прво полувреме и со предност од 1:0 заминаа на заслужен одмор. Голот за водство го постигна Оли Воткинс во 39-тата минута, негов 17-ти Премиер лигата.
По само 33.секунди игра во вториот дел, избраниците на Унаи Емери дојдоа и до 2:0. Заслужен за тоа беше младиот Морган Роџерс.
Се изгледаше готово за Астон Вила и нови бодови за тимот од Бирмингем, но Брентфорд за само 9.минути постигна три погодоци.
Имено, штоперот Занка во 59-тата минута заби случаен гол. Само две минути подоцна Брајан Мбуемо изедначи на 2:2. Водството на гостите им го донесе Јоан Виса во 68-та минута.
Сепак домаќинот не се откажа и со својот втор погодок на натпреварот (3:3), Оли Воткинс ја врати надежта на „Вила Парк“ во 81-та минута.
Со овој бод Вила останува 4-та на табелата со 60 бодови, само три повеќе од Тотенхем кој има два натпревари помалку.