Ракометарите на Еурофарм Пелистер и Тиквеш забележаа очекувани победи во натпреварите од 6.коло во плејоф конкуренцијата на Супер лигата.

Шампионот Еурофарм Пелистер славеше убедливо над последно пласираната Струга со 34-23. Дуелот одигран во Битола беше решен уште во првото полувреме во кое битолчани направија седум голови предност (16-9). Вториот дел беше само чиста формалност, па на крајот пелистерци ги „прокнижија“ трите бода на своето конто.

Денис Васиљев со 6 и Нејц Цехте со 5 гола, беа најефикасните во победничката екипа. Во гостинскиот тим по 8 гола постигнаа Александар Трајчевски и Мерис Бошњак.

На натпреварот во Скопје, кавадаречки Тиквеш славеше над Пролет. Гостите потешко од очекуваното стигнаа до победата. Пролет беше рамноправен противник речиси во текот на целиот натпревар. Отпорот на домашниот состав кавадарчани го скршија во завршните минути и на крајот славеа со 26-23.

Мартин Манасков со 8 и Евгениј Темелковски со 7 голови го предводеа Тиквеш до четвртата победа во плејоф конкуренцијата. Со новите бодови и вкупно 13 кавадарчани се пробија на 3.место на табелата со бод помалку од Охрид и еден повеќе од Вардар.

А, токму Охрид и Вардар утре ќе го играат дербито од оваа рунда.

СУПЕР ЛИГА ПЛЕЈ-ОФ (МАЖИ) – 6.КОЛО
Сабота
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – СТРУГА 34-23
ПРОЛЕТ – ТИКВЕШ 23-26
недела
18.00 БУТЕЛ – АЛКАЛОИД
18.30 ОХРИД – ВАРДАР

ТАБЕЛА: Еурофарм Пелистер 20 бодови, Охрид 14, Тиквеш 13, Вардар 12, Алкалоид 12, Бутел 4, Пролет 3 и Струга 0.