Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер откако ги заврши евронастапите ќе се „фокусира“ на натпреварите во домашните натпреварувања.
Но, првиот дуле нема да биде нималку лесен бидејќи избраниците на тренерот Бранислав Ангеловски гостуваат во Кавадарци, кај екипата на Тиквеш, која успеа на домашен терен да го совлада Вардар, а на гостувањето во Алкалоид за малку не успеа да освои бод.
Како најава на овој натпревар што почнува во 19:30 часот и се игра во салата Јасмин во Кавадарци се натпреварите: Пролет – Охрид (почеток 18:30 часот) и Струга – Бутел (почеток 13:30 часот).
Дербито на 5. коло од плејоф Супер лигата се игра утре во салата Автокоманда меѓу Алкалоид и Вардар со почеток во 18:30 часот.
ТАБЕЛА: Еурофарм Пелистер 14 бодови, Алкалоид 12, Охрид 11, Тиквеш 10, Вардар 9, Пролет 3, Бутел 1 и Струга 0.
Возбудливи натпревари се очекуваат и во дуелите од 5. коло од плејаут Супер лигата.
Водечките две екипи играат во Куманово каде МРК Куманово го пречекува лидерот Прилеп (сабота почеток 17 часот).
Во Неготино Вардар Неготино е домаќин на Голден Арт КЛ7 (почеток 18:30 часот), додека во недела играат Еурофарм Пелистер 2 – Скопје 2020.
Во ова коло слободна е екипата на Мулти Есенс.