Во недела во СЦ „Јане Сандански“ ќе се одржи Државното првенство за кик бокс.
Андреа Костовска е млада и успешна кикбоксерка. Таа долг период е дел од КБК „Шампион“ со кои реди успеси во повеќе категории.
Костовска на претстојниот шампионат ќе се натпреварува во дисциплините кик-лајт и лоу-кик до 55 килограми.
Андреа посочи дека долг период се подготвува за ова првенство и очекува добра конкуренција како и многу медали.
„Во овој спорт е потребно многу кондиција и сум во постојана физичка активност, бидејќи не е лесно да се издржат тие 10 минути во борба.
За ова државно сум добро подготвена бидејќи претходно имав подготовки за светското првенство.
Благодарение на нашиот тренер Дејан Митровски Урко ова државно очекуваме многу победи и медали.
Очекувам добра конкуренција, но секако без пораз, како за мене така и за сите членови од матичниот КБК Шампион Скопје”, изјави Костовска.
Костовска беше во потесната конкуренција во изборот за најдобра спортистка за 2023 година.
Андреа има настапувано и на многу светски и европски првенства. На Светското првенство во Португалија таа во дисциплината Кик Лајт во квалификациите загуби од Лаура Ковач од Унгарија.
Андреа во процесот на подготовки освен физички што се подготвува истакна дека внимава и на исхраната која има исто значајна улога во овој период.
„Порака до младите која би сакала да ја дадам е да спортуваат ако не друго, за себе.
За здраво тело потребен е спортот“, дополнува Андреа.
Ивона Кимовска