Претседателот на МОК, Димевски, разочаран до Директорот на АМС, Мојсовски!?
Војната за „спортско денар“ продолжува со меѓусебни обвинувања на релација Агенција Млади и спорт (АМС) – Македонски Олимписки комитет (МОК).
Откако попладнево Директорот на АМС, Наумче Мојсовски ги отфрли обвинувањата на „Антикорупциска“ (ДКСК) и МОК, посочувајќи го нејзиниот претседател Даниел Димевски како „идејниот творец и креатор на системот на спортски ваучери“, сега првиот човек на МОК со контра одговор, во кој изразува голема разочараност од работата на Мојсовски.
Само се прашуваме. До каде ќе оди оваа „војна“ на првите луѓе на двете најважни спортски институции во државата, кога секој 1 денар, е „злато вреден“ за македонските спортисти.
Во продолжение, интегрално, Ви го пренесуваме во целост одговорот на Димевски кон соопштението на Мојсовски.
Во одговор на Соопштението од директорот на АМС, г-динот Наумче Мојсовски, го должам следново појаснување:
Посочениот директор има проблем со државните институции задолжени за спроведување на законот а не со Олимпискиот комитет ниту со мене лично. Тој има проблем со конкретни наоди на Државниот завод за ревизија и следствено на наодите на Државната комисија за спречување на корупција и Јавното обвинителство во РСМ. Таму треба да го адресира своето соопштение и да се повика на својата презумпција на невиност која му е единствена опција во моментов.
Што се однесува на делот од соопштението каде лично сум споменат, му благодарам на директорот за точната информација дека јас лично сум креатор и творец на ваучерскиот систем за финанасиска поддршка во спортот. Верувам дека многу спортисти и спортски субјекти видоа бенефит од мојата идеја преточена во конкретна законска рамка без која денеска скоро ниеден спортски субјект неможе да опстои и да се развива.
За жал практицирањето на системот е сведен на проста најчесто коруптивна распределба на средства од страна на еден човек со име Наумче Мојсовски. Сите контролни механизми кои ги има интегрелното решение на ваучер системот свесно од страна на директорот се ставени вон функција со што истиот е комплетно деградиран.
Комисијата која треба да предлага е нем извршувач на неговите налози а Советот кој патем тој го предлага е аминувач на истите. Кој е близок и има бизнис релации со него е награден, сите други казнети.
Ова е само пародија на системот кој може и мора да функционира независно од волјата на директорот или било кој друг центар на моќ. Критериумите се поставени да се почитуваат а не со нив да се манипулира како што е моменталната пракса во АМС.
На крај, моето разочарување е плод на високите очекувања што ги имав од спортската легенда Наумче Мојсовски, кој како директор за жал целосно потфрли. Многу важни теми од спортот и силни негови ветувања останаа нечепнати.
Не видовме ништо од пензиите за заслужните спортисти.
Не видовме ниту нови спортски сали, базени уште помалку.
И Домот на спортови го загубивме по пат, како што изчезнаа и новиот Закон за спорт и Стратегијата за спорт пет пати ветувана.
Регистерот на активни спортски клубови не се направи а транспарентноста од страна на овластената државна институција е оценета како катастрофална.
Ова е за жал реалната слика и прилика на АМС раководена од директорот Наумче Мојсовски.
Му посакувам на директорот да се врати во спортот во друга функција различна од оваа која евидентно не е за него.
Со почит,
Олимписки комитет на Северна Македонија
Даниел Димевски
СООПШТЕНИЕТО НА МОК МОЖЕ ДА ГО ВИДИТЕ И НА ОВОЈ ЛИНК И ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ