Натпреварот од Втората кошаркарска лига меѓу Работнички и Маџари е прекинат на полувремето.
Проблемот со салата и прокиснувањето на покривот е присутен неколку години, но никој од одговорните никако да го реши проблемот или барем да се потруди. Натпреварот се играше и на паркетот имаше поставено крпи. Попладнево кошаркарите на Работнички (втор тим) и Маџари го почнаа натпреварот, но по играње на првото полувреме и резултат од 27:43, дуелот е прекинат.
Прокиснувањето на салата и опасноста од повреди на играчите и судиите на лизгавиот паркет беше причина за прекинот. Според пропозициите дуелот треба да се доигра во следните 24 часа, откако домаќинот – организатор ќе обезбеди сала каде ќе може да се игра непречено.
Во исто време во Скопје се играше и дербито на 6.коло во кое Шкупи оствари победа од 87:72 против Соколи .
Гостите од Штип одлично го почнаа натпреварот и имаа водство по првиот период. Сепак, во втората четвртина, избраниците на Тони Симиќ направија пресврт. Дојдоа чаирчани до водство кое во еден момент од вториот дел изнесуваше и дваесет поени разлика.
Најзаслужен за победата на домашниот тим беше Љубиша Димитровски, кој постигна 39 поени.