Последниот и дерби-натпревар од 12.коло во Премиер лигата меѓу Челзи и Манчестер Сити заврши нерешено 4:4.

Првиот гол на натпреварот го постигна Ерлинг Халанд, кој прецизно биеше од белата точка за 1:0 во 25-тата минута.

Набрзо, Челзи возврати со голот на Тиаго Силва со глава во 29-тата минута, а само 8 минути подоцна (во 37-та) со голот на Рахим Стерлинг стигнаа и до пресврт на „Стемфорд Бриџ“ од 2:1.

Пред крајот на првиот дел, избраниците на Пеп Гвардиола успеаја да изедначат на 2:2, а Мануел Аканџи беше стрелец на погодокот во првата минута од судиското надополнување (45+1).

На самиот старт на второто полувреме (во 47-та минута) Ерлинг Халанд повторно му донесе предност на својот тим од 3:2.

Во 67-та минута Николас Џексон ја дочека одбиената топка од Едерсон и лесно реализираше за 3:3.

Со малку среќа Родри во 86-тата минута постигна погодок за водство на својот тим од 4:3.

Се играше 5-тата минута од судиското надополнување (90+5) кога неспретно стартуваше Рубен Диас и Антони Тејлор покажа на белата точка. Пеналот мирно и прецизно го реализира поранешниот играч на Сити, Кол Палмер за 4:4 и крај на овој натпревар.

„Граѓаните“ пред репрезентативната пауза се враќаат на врвот во Премиер лигата со 28 освоени бодови, зад нив се Ливерпул и Арсенал на втората и третата позиција со по 27 бодови.