Ракометарите на Голден Арт со победа го почнаа новиот шампионат откако попладнево во салата Автокоманда го победија новиот суперлигаш Мулти Есенс со 26:25 (16:12). Најзаслужен за триумфот беше гостинскиот голман Златко Даскаловски, кој натпреварот го заврши со 19 одбрани (14 во првиот дел).

Гостите подобро го почнаа натпреварот и поведоа со 5:3, но потоа следуваше серија технички грешки и малдиот тим на тренерот Иван Марковски поведе со 6:5. Во таква ситуација гостинскиот тренер Владимир Глигоров побара тајм аут и по 7:7, неговата екипа постигна четири гола за водство од 11:7, што се покажа и како решавачко бидејќи домашниот тим постојано ја бркаше таа предност. На полувреме беше + 4 (16:12 за Голден Арт).

На почетокот на вториот дел гостите имаа и + 5 (17:12), но потоа Мулти Есенс постепено ја намалуваше разликата и во 50.та минута беше само еден гол предност за Голден Арт (21:20). Гостите во завршницата ги казнуваат грешките на малдите домашни ракометари и се одлепија на +3 (25:22) во 54.минута. Но, драмата допрва претстоеше. Откако Мулти Есенс намали на 25:26 во последната минута Голден Арт беше во напад и додека се чекаше тајм аут играчите упатија удар, а голманот Виктор Василевски одбрани. Мути Есенс доби шанса за изедначување, во акцијата со вишок на крило Костовски шутраше, а Даскаловски одбрани. Време веќе немаше за бидејќи гостинската клупа го искористи и тајм аутот.

Покрај Даскаловски, одличен на голот беше и домашниот голман Василевски со 13 одбрани (8 во вториот дел). Најефикасен беше Мице Шилегов со 7 голови кај Голден Арт, а Теодор Тодевски и Мартин Димовски постигнаа по 5 голови кај Мулти Есенс.