Со денешната прва прозивка на шефот на стручниот штаб Бобан Грнчаров, најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар ги започна подготовките за новата сезона. 

Вардарци се вратија онаму каде припаѓаат во Првата македонска фудбалска лига, но и на местото кое е „нивни дом“ поранешниот „Градски стадион“, а сега националната арена „Тодор Проевски“.

Со новото раководство од навивачката група „Комити“ која ги презема сите акции од досегашниот сопственик Слободан Крстевски, ќе се обиде со низа активности и разговори да го стабилизира клубот, кон неколку години „пливаше во матно“. 

Првата во низата акции црвено-црните ја промовираа на самиот старт на подготовките. Станува збор за акцијата „Купи сезонски билет“ со која навивачите и поддржувачите на Вардар ќе придонесат за што побрза стабилизација на клубот, а воедно ќе имаат можност да си обезбедат билет за сите натпревари кои Вардар ќе ги игра на домашен терен, а најверојатно тоа ќе биде арената „Тодор Проевски“. 

„Ги повикуваме сите Вардарци, навивачи на најголемиот македонски фудбалски клуб, да бидат спремни зошто акцијата започнува многу брзо. Сите собрани финансиски средства, ќе бидат наменети за функционирањето на клубот“, информираат од клубот.

Цената на сезонскиот билет ќе изнесува симболични 1000 денари.