Шпанија одамна се нема израдувано на трофеј на својата фудбалска селекција. Вечерва Шпанците ќе имаат можност за тоа, но ќе мора да ја победат Хрватска во финалето на Лигата на нациите.

Селекторот на „црвената фурија“ Луис Де ла Фуенте на прес-конференцијата пред финалниот натпреварот со „коцкестите“ емотивно говореше токму за тоа потенцирајќи дека неговите избраници се силно мотивирани да го израдуваат шпанскиот народ.

„Мислам дека мојот тим е во најдобра можна форма сезонава. Физички им оди добро, психички исто така, а воедно сме полни со мотивација да го одиграме финалето на највисоко моќно ниво. Дури и на тренинзи се играат на многу брзо темпо. Сакам овие играчи да победат, сакам Шпанија да се врати на местото каде што заслужуваме, да бидеме тоа што сме. Тоа ме прави да сум вака возбуден. Сакам да ги направам луѓето среќни. Јас сум повеќе заинтересиран да ги направам другите среќни отколку себеси“, изјави шпанскиот селектор.

Дали желбата на Де ла Фуенте и на Шпанците ќе им се исполни ќе зависи и од Хрватите кои ќе имаат голема поддршка од трибините на стадионот во Ротердам каде од 20.45 часот ќе започне финалниот натпревар.