Бланкочелестите од Рим, иако потешко од очекувањата, сепак се радуваа на победа против Кремонезе и повторно се вратија на втората позиција, истиснувајќи го Интер место подолу на табелата во Серија А.
Јунак на тимот предводен од Маурицио Сари беше српскиот интернационалец, Сергеј Милнковиќ Савиќ кој со два гола беше најзаслужен за победата.
Домаќините брзо дојдоа до предност откако по само четири минути игра Хисај ја затресе противничката мрежа. Лацио имаше целосна контрола врз натпреварот па во 37-та минута сосема заслужено дојде и до втор погодок, овој пат преку Милинковиќ Савиќ.
Гостите од Кремона, иако веќе вторологаши, сепак скапо ја продадоа кожата, па за четири минути дојдоа до изедначување. Најпрвин Галдамес во 54-тата минута намали на 2:1, за да со автоголот на Лаѕари целосно се вратат во натпреварот и изедначат на 2:2.
Во финишот на натпреварот Лацио успеа да дојде до посакуваните три бода, со голот на Сергеј Милинковиќ Савиќ, за кого ова беше деветти погодок во Серија А, а Србинот има и 8 асистенции.
Со оваа победа Лацио дојде до 71 освоен бод и се врати на втората позиција на табелата. Во последното коло, избраниците на Маурицио Сари гостуваат кај Емполи.