Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром титулата како и лани ќе ја брани во дуелите со битолски Пелистер.
Аеродромци лесно ја минаа полуфиналната пречка и имаа повеќе време за одмор, но тоа според тренерот Васко Атанасов е и мал проблем за тимот.
„Пред нас е серија против добро познат противник, со кого игравме многу неизвесни средби изминативе години и кого никако нема да го потцениме. Играме добро, но мал проблем ни е преголемата пауза по завршувањето на полуфиналето со Работнички, што секако нема да биде причина да не одиграме најдобро што знаеме.
Домашниот терен носи значајна предност, а улогата бранител на титулата е обврска да се даде сѐ од себе. Очекувам голема поддршка од трибините и победнички старт на финалната серија, со што ќе го најавиме освојувањето на јубилејната десетта титула“, вели Атанасов.
Аеродромци атакуваат на јубилејната 10-та шампионска титула, а Пелистер ќе ја брка првата.