На патеката за кајак на реката Треска од утре до сабота ќе со одржува Европско првенство во кајак на диви води во дисциплината спуст. Кајакарската федерација на Македонија уште еднаш доби шанса за организација на врвен настан.
Натпреварувачи од 18 држави или околу 160 се учесници на ова Европско првенство . Ќе се натпреваруваат во спуст и тоа на патека долга 3,5 километри, а и во дисциплината спуст – спринт на патека со должина од 350 метри. Очекуваме одлични резултати. Македонските репрезентативци се добро подготвени, двајца сме искусни и двајца се од помладата генерација. Учесниците на шампионатот веќе неколку дена се тука и тренираа и сите се задоволни од условите и тоа што го нуди патеката, изјави Љубомир Спасиќ кој покрај што се натпреварува ќе ја има улогата и на директор на трката.
За Македонија на ова првенство ќе настапат: Љубомир Спасиќ, Александар Златаров, Кристијан Лазаров и Благој Гугинов. На овој шампионат ќе настапат и ветераните, а за Македонија ќе се појават: Илија Младеновски, Ивица Крстиќ, Перо Доновски, Трајко Ангеловски, Љубомир Спасиќ и Роберт Папазов.
Свеченото отворање на првенството ќе биде вечерва од 19 часот на платото пред МКЦ.