Интер го победи Сасуоло на својот стадион со резултат 4:2 (1:0) во 35. коло од италијанскиот шампионат и  го престигна Јувентус на второто место во Серија А.

Делуваше дека избраниците на Симоне Инзаги ќе имаат лесна задача откако по еден час игра имаа  три гола предност по еден час игра,  сепак гостите не се предадоа и речиси целосно се вратија во натпреварот.

Водечкиот гол за Интер беше дело на Ромелу Лукаку во 41. минута по асистенција на Данило Д’Амброзио, а водството го удвои Руано со автогол  во 55.-тата минута. Три минути подоцна Лаутаро Мартинез ја продолжи одличната форма и со нов гол му донесе на својот тим убедливи 3:0, со што се чинеше дека целата работа е завршена.

Сепак, во 63. минута Сасуоло намали на 3:1 преку Матеус Енрике , а потоа се доближи на гол заостанување кога младиот  Давиде Фратези ја затресе мрежата во 77. минута.

Интер се мачеше да го задржи водството, а гостите се надеваа на израмнување. Сепак, сите дилеми ги отстрани Ромелу Лукаку во 89. минута . Белгискиот напаѓач ја искористи асистенцијата на Марсело Брозовиќ и рутински ја совлада Андреа Консиљи за конечни 4:2.

Со оваа победа Интер дојде до 66 бода, колку што има и Јувентус на втората позиција.