Кошаркарското првенство на Македонија влегува во најинтересната фаза. Останаа четири тима кои ќе се бодат за шампионскиот трофеј.
Бранителот на трофејот, актуелниот првак МЗТ Скопје Аеродром, е единствениот што место во полуфиналето обезбеди по само два одиграни четвртфинални натпревари, додека останатите три екипи, Работнички, Пелистер и ТФТ Моцарт одиграа „мајсторки“.
Аеродромци, кои важат за топ фаворити, во полуфиналето за противник ќе го има вечниот ривал Работнички. Токму нивниот дуел во што ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде прв од полуфиналната викенд програма.
Иако МЗТ Скопје во последните години ја има улогата на фаворит, а таков е случајот и годинава, сепак „вечното“ дерби е приказна за себе.
Тимот од градски „Парк“ (некогаш – сега СЦ Кале), се нема радувано на победа во последните пет натпревари.
Последен пат Работнички славеше пред повеќе од две години и тоа во „Јане Сандански“ кога со тројката на Мирко Мулалиќ „црвените“ победија со 75:74.
Сезонава „сино-белите“ ги добија двата натпревар. Првиот во „Кале“ со убедливо со 19 разлика (66:47), а вториот во прекрасна атмосфера во „Јане Сандански“, МЗТ победи само со четири разлика (91:87). Вредно е да се напомене дека токму тој натпревар го врати вистинскиот „сјај“ на „вечното“ деби, па сега сите посакуваат подеднакво и квалитетна кошарка, како и беспрекорно навивање на трибините.
Тоа беше во лигашкиот дел, а сега влогот е поголем, пласман во финалето, па затоа и реално е да очекуваме и поголем притисок кај двете екипи, но и поголема борбеност за двете победи што водат во завршната финална битка,
Дуелот МЗТ Скопје Аеродром – Работнички ќе се игра во саботниот вечерен термин од 20 часот и 15 минути, а натпреварот можете за го ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ
Утре (недела) во Битола, ќе се одигра и првиот полуфинален дуел меѓу Пелистер и ТФТ Моцарт, во терминот од 18 часот и 30 минути.
Полуфиналната серија се игра во два добиени натпревари по принципот дома-гости-дома.