Работнички е третиот полуфиналист (МЗТ, ТФТ) во Плејофот во елитната кошаркарска лига на Македонија откако славеше во мајсторката во Гостивар со (63:77).
Релативно израмнет натпревар се играше во салата „Младост“ во Гостивар во првите неколку минути од првата четвртина кога и два тима реализираа на два пати. Сепак Работнички во продолжение направи една серија од 3:14 и таа константна предност ја одржуваше до крајот на првиот дел кој го доби со (13:25).
Домашниот состав во вториот дел добро започна до 5-тата минува ја преполови предноста на Работнички кога намали на (25:31). Но тимот од ,,Градски Парк,, во продолжение си ја врати предноста со серијата од 2:9 по што Малинков мораше да бара минута одмор при резултат (27:40) на две ипол минути до крајот на полувремето.
Одморот добро им дојде на гостиварци и до крајот на првото полувреме се доближија колку толку до резултатот на Работнички со серијата од 7:2 дојдоа до (34:42) по првите 20.минути од четвртфиналната мајсторка од плејофот во машката сениорска конкуренција која се игра кој прв до три победи.
Во второто полувреме Гостивар тргна по резултатот на Работнички, кои со одлична игра во одбраната и нападот не му дозволија поени цели три минути, а за тој период домаќините намалија на само еден поен негатива (41:42) по што Мираковски мораше да бара тајмаут.
Истиот резултираше со поени на Џелетовиќ и Малешевиќ па така Работнички конечно поентираше во третиот дел.
Гостивар врати преку Корсантиа и Вучковиќ па така повторно стигна до минимална негатива (45:46). Конечно на три ипол минути до крајот на третата четвртина со тројката на Корсантиа, Гостивар израмни на (48:48).
Егал беше во следните две минути откако и двата тима имаа неколку неуспешни напади без реализација. Во последните 10 минути Работнички влезе со минимална предност од (51:53).
Во последната четвртина подобро влегоа гостите од Скопје кои ги казнуваа сите грешки во нападот на Гостивар и стигнаа до двоцифрена разлика на четири минути до крајот на мечот. Домаќините немаа сила да му се спротивстават на расположениот состав на Работнички, па така по долго време „непобедливоста“ на домашен терен во најважниот меч на сезоната потклекнаа во налетите на гостите и со пораз ја завршија сезоната.
Тимската игра го реши победникот на овој меч откако дури пет кошаркари на Работнички беа двоцифрени, а најмногу се истакнаа Умпиг и Малешевиќ со 17 односно 16 коша. Кај домаќините 18 даде Корсантиа, а 17 Зигон.
Работнички во полуфиналето ќе игра против актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром.
Томислав Атанасовски