Екипите на Манчестер Сити и на Ливерпул со победи ги завршија одложените натпревари во Премиер лигата кои се играа вечерва. Шампионот Манчестер Сити со победа од 3:0 над Вест Хем се врати на првата позиција, додека Ливерпул на Енфилд го победи минимално Фулам со 1:0 и ги задржа шансите за четвртото место и пласман во Лигата на шампионите следната година.
„Граѓаните“ отпорот на Вест Хем го скршија во вториот дел кога ги постигнаа и трите гола. По слободниот удар на Ријад Марез во 50.та минута Нетјан Аке ја затресе мрежата на Лукаш Фабиански. Дваесет минути подоцна Ерлин Халанд го зголеми водството на својот тим на 2:0, а во 85.та минута резервистот Фил Фоден ги постави конечните 3:0.
На „Енфилд“ Ливерпул во здодевен натпревар го совлада Фулам со 1:0, а стрелец на голот од пенал во 39.та минута беше Мохамед Салах, кој по двата нереализирани пенали, на последните два натпревара двапати е прецизен од „белата точка“.
Манчестер Сити е пак лидер со 79 бодови од 33 натпревари, потоа следи Арсенал со 78 бодови од 34 натпревари. Ливерпул по серијата од пет победи во Премиер лигата е на петтата позиција со 59 бодови.