Одличен прв натпревар во плејофот одиграа во Битола кошаркарите на Пелистер и Феникс кој заврши со триумф на домашниот тим, за водство од 1:0 во четвртфиналната серија.
Неизвесност имаше во текот на целиот меч, иако и со скратен и подмладен состав екипата на Феникс 2010 одлично се справи со фаворитот.
Во првата четвртина се играше израмнета кошарка која ја доби тимот од Скопје со 23-24, но веќе во вториот дел Пелистер го покажа својот фаворитски потенцијал и за кратко време со серија поени направи пресврт и солидна предност која ја зачува до крајот на полувремето. Битолчани имаа плус седум на полувреме 49-42.
Во третиот период се играше скоро кош за кош. Пелистер ја одржуваше предноста, Феникс се обидуваше да го достигне нивниот резултат, а со серијата од 7-0 им се доближи на 51-49.
По тајмаутот на Илиевски, домашниот тим направи своја серија од 14-3 и во еден момент имаше предност од +13 коша. Но до крајот на третиот дел Феникс не дозволи и значително водство на домаќинот и со 8-0 стигна до 65-60.
Во последниот период гостинските кошаркари со сите сили тргнаа по резултатот на Пелистер, се доближија на два пати до минус еден 72-71 и 81-80 и тоа беше максимумот од нивните можности.
Имаа и напад за израмнување и водство, но не беа неуспешни.
Пелистер го приведе натпреварот до крај и славеше со 90-86 и водство од 1-0 во серијата со Феникс.
Кај домаќините најефикасен беше Стаиќ со 22 коша, Карутерс 19, а по 17 дадоа Карпентер и Хаџифејзовиќ. Кај Феникс со 28 коша најдобар беше Митревски, 15 даде Димчевски, а 14 Јаневски.
Вториот меч се игра во Скопје во среда на 3 мај.
Томислав Атанасовски