Екипата на Соколи од Штип е последниот патник во полуфиналето од плеј-офот на Втората машка кошаркарска лига.

Штипјани ја добија мајсторката од четвртфиналето со Куманово и совладувајќи ги со 66-59 ја добија серијата со 2:1 во победи.

Домаќините отворија добро и рано стигнаа до двоцифрена предност 14-4, по која гостите возвратија со серија од пет коша. До крајот на првиот период се играше кош за кош, па Соколи на првата мала пауза заминаа со четири предност (21-17). Во продолжението двете екипи тешко стигнуваа до реализација па на полувреме се замина со резултат 33-32 за Соколи.

Како и на почетокот на натпреварот, така и во второто полувреме, домаќините отворија со серија до девет коша за двоцифрена предност 42-32. Со само седум постигнати поени во овој период од играта, Кумановци како да го „положија оружјето“ па во последната четвртина домаќините влегоа со +12 (51-39). Таквата предност се покажа како решавачка, па заслужено Соколи се изборија за место во завршната четворка.

Така комплетирани се двојките за полуфиналната рунда која стартува следниот викенд, а која на некој начин е финале пред финалето, бидејќи победниците, односно екипите што ќе обезбедат место во финалето на Втората лига, следната сезона ќе играат во прволигашката конкуренција.

А, за место во финалето ќе се борат Вардар и Ангели, односно Охрид и Соколи.