Богатата вечер во НБА лигата донесе вкупно десет натпревари. Од нив ги издвојуваме победите на Дончиќ и Лејкерс, како и на Феникс кој по продолжение го совлада Њу Орлеанс.
Лука Дончиќ и Лејкерс се реваншираа за неодамнешниот пораз од Јута Џез и запишаа нова победа во НБА лигата. На паркетот во „Крипто.ком Арена“ во Лос Анџелес, домаќините славеа со конечни 109:94.
Средбата започна во знак на Лука Дончиќ, кој уфрли 14 поени уште во првата четвртина за водство од 30:20. Во вториот период Лејкерс стигнаа и до плус 16 (50:34), а на полувреме заминаа со 53:42. Јута одговори на стартот од третата четвртина со фуриозна серија од 15:3 и поведе со 57:56. Гостите ја добија оваа делница со 35:25, но домаќините сепак влегоа во последниот квартал со минимални 78:77.
Победникот беше решен на отворањето на четвртата четвртина, кога Лејкерс направија серија од 17:5. Колин Секстон постигна пет поени во почетниот налет од 9:0, а потоа тројки погодија Квентин Грајмс, Матис Тајбул и Џејк ЛаРавија. Последната четвртина заврши со убедливи 31:17 во корист на домашниот состав.
Дончиќ го предводеше тимот со 28 поени, осум асистенции и четири скока. Кај Јута најефикасни беа Кајл Филиповски со 21 поен и 12 скока, Ејс Бејли со 18 и Кејонте Џорџ со 14 поени.
Многу поголема неизвесност донесе дуелот во „Смути Кинг Центар“, каде Феникс Санс го совлада Њу Орлеанс Пеликанс со 123:119 по продолжение.
Домаќините го добија првиот период со 35:31, но Феникс возврати со 25:19 за пресврт и 56:54 на полувреме. Во третата четвртина Њу Орлеанс повторно ја презеде контролата (29:23), но гостите изборија продолжение добивајќи го четвртиот период со 30:26 (109:109). Во дополнителните пет минути Феникс беше поприсебен и со 14:10 стигна до триумфот.
Џејлин Грин со 25 поени и Девин Букер со 22 поени и осум асистенции беа најефикасни кај победникот. Зад нив се истакнаа Колин Гилеспи со 18, Дилон Брукс со 16 и Мајлс Бриџис со 14 поени и 11 скока. Кај Пеликанс не помогнаа 28-те поени на Џордан Пул, 25-те на Зајон Вилијамсон и 21 поен на Садик Беј.
По оваа богата НБА вечер, Лејкерс се на врвот на Западната конференција со учинок 15-3, додека Јута остана при дното со 3-16. Феникс сега има девет победи и седум порази, а Њу Орлеанс падна на биланс 5-14.
Останати НБА резултати:
Шарлот – Мемфис 111:117
Филаделфија – Портланд 111:128
Индијана – Оклахома Сити 125:120
Минесота – Бруклин 142:116
Торонто – Милвоки 111:116
Чикаго – Кливленд 122:108
Хјустон – ЛА Клиперс 116:104
Сакраменто – Сан Антонио 107:123





































