Еден од топ фаворитите за трофејот во Лигата на шампионите вечерва го завршува својот настап сезонава. Баерн го пречекува Манчестер Сити во реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите.

Англискиот првак Сити дојде во Минхен со огромна предност од 3:0 на „Етихад“, па избраниците на Томас Тухел ги чека „невозможна мисија“.

Баварците се во и резултатска криза, но и внатрешна во тимот, меѓу играчите. Ќе видиме дали Тухел успеа да го згасне „пожарот“ што Садио Мане го предизвика со шлаканицата на својот колега Лерој Сане.

Неспорно дека Баерн има голем квалитет, но пред себе го има еден од најдобрите тимови во светот во однос на транзицијата. Секоја грешка избраниците на Пеп Гвардиола знаат како да ја казнат и само  со перфектна игра со брзи голови може да го спаси Баерн од елиминација во Лигата на шампионите. Сити пак самоуверен во квалитетот што го поседува, особено напаѓачки, а како и не би, кога го имаат фантастичниот Халанд.

Баерн до сега никогаш не успеал да го победи Манчестер Сити со три гола разлика, а само на еден од 11-те меѓусебни дуели Баварците успевале да постигнат три гола. Тоа беше во октомври 2013 година кога победија со 3:1 на „Етихад“. Во меѓусебните дуели Сити води со 6:5 во победи.

Како ќе биде вечерва на „Алијанц арена“ во Минхен, останува да видиме по натпреварот што почнува од 21 часот, а по кој ќе го дознаеме противникот на европскиот шампион Реал.