Фудбалската репрезентација на Македонија утре во Глазгов ја очекува дуелот против Шкотска во рамките на Б-дивизијата од Лигата на нациите. Селекторот Гоце Седлоски на официјалната прес-конференција најави храбра игра на стадионот „Хемпден парк“.
Националниот тим посакува прекин на серијата од четири порази, меѓу кои беше и загубениот меч во Скопје од Шкотите со 0-2.
Предводникот на македонската селекција смета дека зголемената минутажа на фудбалерите во нивните клубови е клучна предност пред овој натпревар. Седлоски потсети дека кај домаќинот во составот се враќа Скот Мектоминеј, но нагласи дека македонските репрезентативци се целосно фокусирани.
„Следниот меч е голем предизвик со една силна Шкотска и добро знаеме со какви играчи располага противникот. Игравме пред еден месец во Скопје, свесни сме за грешките од тој пораз и мора да ги поправиме.
Во изминатите три дена трениравме одлично, атмосферата е супер, а играчите се максимално фокусирани и мотивирани. Сакам да видам верба во себе, тактички добро да стоиме и да одиграме квалитетен натпревар во Глазгов.
Резултатите се такви какви што се, но се надевам дека против Шкотска конечно ќе излеземе од негативната серија. Радува фактот што сите репрезентативци добиваат минутажа во клубовите и се во подобра форма од минатиот месец. Тука е Растодер кој почна да игра за Панатинаикос, како и фудбалерите од домашното првенство.
Направивме анализа, знаеме каков агресивен фудбал игра Шкотска пред својата публика, но ние сме подготвени за надигрување. Нема од што да се плашиме, па ако тие бидат агресивни, ние треба да бидеме уште повеќе. Мора да излеземе храбро, фудбалерите да уживаат на теренот и да покажеме што знаеме“, изјави селекторот Седлоски.
Натпреварот меѓу Шкотска и Македонија се игра утре во Глазгов со почеток во 20:45 часот по македонско време. Главен судија на оваа пресметка од Лигата на нациите ќе биде Словакот Михал Оченаш.
































