Македонската фудбалска репрезентација денеска со чартер-лет од Скопје отпатува за Глазгов за претпоследниот натпревар од УЕФА Лигата на нациите. Избраниците на селекторот Гоце Седлоски утре гостуваат кај селекцијата на Шкотска во рамките од петтото коло во Б-дивизијата.

Националниот тим вечерва ќе го одржи официјалниот тренинг, а селекторот Седлоски ќе ги сподели очекувањата на прес-конференција. Македонските фудбалери во Глазгов ќе се обидат да ја прекинат серијата од четири порази во првите четири кола. Нашата селекција сè уште ја бара својата прва радост и првиот погодок во овој циклус, при десет примени голови.

Со враќањето на Дарко Чурлинов и Никола Серафимов, стручниот штаб очекува поагресивна игра и позитивен резултат на тешкото гостување.

Натпреварот на легендарниот стадион „Хемпден Парк“ е закажан за петок, 13 ноември, со почеток во 20:45 часот.

По пресметката во Шкотска, македонската репрезентација веднаш се враќа во Скопје за последниот дуел од групата. Настапот во овогодишното издание на Лигата на нациите го затвораме в понеделник, 16 ноември, на домашен терен против Словенија.