Во натпревар од 8.коло од женската ракометна Супер лига, се одигра дуелот меѓу Вардар и вториот тим на Ѓорче Петров МРК. По голема борба и во неизвесна завршница триумфираа вардарки со минимални 30:29.
Натпреварот започна израмнето, а првата позначајна предност ја презеде Ѓорче Петров, кое во 9. минута поведе со 5:3. Домашната екипа ја одржуваше предноста, иако вардарки во неколку наврати се доближуваа на гол негатива. Во 22. минута гостинките стигнаа до 14:13, но Ѓорче не дозволи израмнување и на паузата замина со водство од 19:16.
Второто полувреме донесе уште поголема неизвесност. Вардарки постепено ја намалуваа негативата, па во 40.минута стигнаа до 22:21. Пет минути подоцна успеаја и да израмнат на 24:24. Следуваше период на израмнета игра, во кој двете екипи се менуваа во водство. Во 55.минута Ѓорче Петров повторно се одлепи на два гола предност (29:27). Вардарки експресно возвратија со серија од 2:0 и израмнија на 29:29.
Во самиот финиш, Миленковска беше сигурна од седум метри и му донесе водство на Вардар од 30:29. Ѓорче имаше последна можност за израмнување, но не успеа да го реализира нападот, па вардарки се радуваа на голем триумф во дербито.
Најефикасна во редовите на Вардар беше Миленковска со 10 погодоци, додека кај Ѓорче Петров МРК најдобра стрелка беше Анчева со осум гола.
Ивона Кимовска




































