Попладнево се одигра воведниот натпревар од 8. коло во женската ракометна Супер лига на Македонија. Во него екипата на Спартак забележа убедлива победа над Атлетик со 31:22.
Спартак одлично го отвори натпреварот и поведе со 2:0, но Атлетик брзо се врати и израмни на 3:3. Во продолжението се играше израмнето, со чести промени во водството, а ниту една од екипите не успеваше да се одлепи резултатски. Сепак, во завршницата на првото полувреме Спартак направи разлика, па со серија добри минути во 27. минута поведе со 13:9. На паузата резултатот гласеше 14:9.
Во второто полувреме Спартак целосно ја презеде контролата врз натпреварот и постепено ја зголемуваше предноста. Во 36. минута водеше со 18:10, а седум минути подоцна стигна и до двоцифрена предност од десет гола (24:14). Атлетик не успеа да најде начин да се врати во натпреварот, додека Спартак продолжи со сигурната игра и до самиот крај ја задржа контролата. На крајот, Спартак заслужено славеше со конечни 31:22.
Анастасија Николовска блескаше на теренот со постигнати 11 голови, додека Сара Цветановска додаде 7 погодоци за домашниот тим. Во редовите на поразениот тим најефикасни беа Анастасија Дамјановска со 8 и Сара Богојеска со 6 постигнати голови.
За тимот на Спартак ова беше петтиот триумф со кој се проби на 2,место на табелата со 12 бодови, два помалку од лидерот Ѓорче Петров, а еден повеќе од Чаир кој е трет.
Останатите натпревари од ова коло ќе се играат пристојниот викенд.
Ивона Кимовска




































