Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром славеа сигурна победа над Пелистер со 74-60 во дербито од петтото коло во македонската Суперлига. Актуелниот шампион успешно ја надмина резултатската криза по неочекуваниот пораз од Струмица и неуспехот на европската сцена. Шок-терапијата по смената на тренерот Васко Атанасов веднаш донесе позитивен ефект во редовите на клубот од Аеродром.

Домашниот состав фуриозно го отвори натпреварот во салата „Јане Сандански“ и брзо поведе со високи 14-4. Првата четвртина заврши со сигурна предност од 22-13 за „металците“, кои диктираа силно темпо во двата правци. Сепак, битолчани одговорија на стартот од вториот период и со серија од осум поени се приближија на 23-21. Тоа беше сигнал за ново будење на домаќините, кои возвратија со серија од 11-0 за комотни 42-31 на полувремето.

Во третиот период се играше поцврста одбрана, а неефикасната четвртина му припадна на гостинскиот тим со минимални 12-14. Во последните десет минути МЗТ Скопје рутински ја контролираше играта и не дозволи никакво резултатско враќање на противникот. На пет минути пред крајот предноста изнесуваше 61-50, по што аеродромци мирно го приведоа мечот кон сигурен триумф.

Најефикасен во победничкиот табор беше младиот Лука Стојановски со 18 поени, додека искусниот Војдан Стојановски запиша 13 поени и седум скока. Одличен придонес даде и Ејдин Крајиниќ со 12 поени и пет скока. Кај екипата на Пелистер најпрецизен беше Благој Димитриев со 12 поени, а по десет додадоа Денинг, Кочовиќ и Златевски.

По пет одиграни кола МЗТ Скопје е втор на табелата со четири победи и еден пораз, веднаш зад максималниот Работнички. Екипата на Пелистер во моментов се наоѓа на седмата позиција со учинок од две победи и три порази. Во следното суперлигашко коло МЗТ Скопје ќе се соочи со екипата на Скопје 2023, додека Пелистер го пречекува ГКК Штип.

Распоред

Се вчитуваат резултатите...

Табела

# Екипа ОН П И кош +/- Б