Екипата на ЖРК Вардар забележа убедлива победа над Пелистер во рамки на 7. коло од женската ракометна Супер лига.

Вардарки славеа со високи 45:18, откако уште од самиот почеток ја презедоа контролата врз натпреварот.
Домашниот тим одлично го отвори дуелот и со серија од 9:1 наметна целосна доминација. Веќе во 18. минута Вардар имаше двоцифрена предност од 13:3, а до крајот на првото полувреме продолжи да ја зголемува разликата. На пауза се замина со убедливи 22:7.

Ниту во вториот дел немаше промени во односот на силите. Вардарки продолжија во ист ритам, па во 37. минута веќе водеа со 29:9. До самиот крај домашниот состав ја одржуваше високата предност и на крајот заслужено славеше со конечни 45:18.

Најефикасна во победничкиот состав беше Трифуновска со девет погодоци, додека Балоска и Ристовска постигнаа по пет гола. Во редовите на Пелистер најмногу се истакна Сејадин Едје со шест погодоци.

Ивона Кимовска