Женската ракометна репрезентација на Македонија ќе има квалитетни натпревари на меѓународниот турнир „Трофеј Македонија“.
И годинава Охрид ќе биде домаќин на овој турнир на кој Македонија ќе го брани трофејот освоен лани.
Утринава во просториите на РФМ во Скопје, новиот селектор Црногорецот, Игор Марковиќ, ја имаше првата средба со ракометарките кои се најдоа на неговиот список. Тие веднаш отпатуваа за Охрид каде ќе одработат мини подготовки во салата „Биљанини Извори“.
Во неа од четврток (24 септември) до сабота (26 септември) ќе се играат шест натпревари. Покрај Македонија, на турнирот ќе настапат и селекциите на Србија, Хрватска и Црна Гора.
Ова се повиканите ракометарки на Македонија и распоредот и саатницата на одигрување на натпреварите на годинашното издание на „Трофеј Македонија“.

Покрај натпреварите, Ракометната федерација на Македонија ќе го организира првиот женски ракометен форум во Охрид. Со цел дополнително да придонесе кон развојот, видливоста и унапредувањето на женскиот ракомет, РФМ за првпат ќе организира женски ракометен форум.
Форумот ќе обедини пет големи имиња од регионалниот, европскиот и светскиот ракомет на едно место, со една заедничка тема – иднината на женскиот ракомет. Индира Кастратовиќ, Андреа Лекиќ, Лидија Хорват, Сузана Лазовиќ и Драгана Цвијиќ ќе ги споделат своите лични и професионални приказни.





































