Фудбалерите на Брегалница му одржаа час по фудбал на Башкими во рамките на четвртото коло од Првата македонска лига.
Натпреварот во Штип заврши со убедлив триумф на домашниот тим од 3:0 над немоќниот гостин од Куманово.
Иван Глигоров го отвори резултатот за домаќините во 23. минута по една одлична акција. Димитар Калпачки зголеми на 2:0 во 56. минута и ја најави сигурната победа за штипјани. Конечните 3:0 ги постави расположениот Иван Глигоров со својот втор гол во 72. минута од натпреварот.
Со овој пораз екипата на Башкими останува на самото дно на прволигашката табела без освоен бод.
Во првиот натпревар од ова коло екипите на Скопје и Тиквеш ги поделија бодовите на теренот на ФФМ.
Овој исклучително борбен прволигашки дуел по деведесет минути игра заврши со нерешен резултат 1:1.
Домашната екипа прва стигна до предност со голот на Божиновски постигнат во 34. минута од средбата.
Кавадарчани успеаја да се спасат од пораз со погодокот на Сила од пенал во 70. минута.
По овој нерешен исход екипата на Тиквеш има седум бода, а Скопје стигна до својот втор бод.































