Вицепрвакот Шкендија остана единствениот македонски претставник на европската фудбалска сцена. По елиминациите на Силекс и Вардар, тетовци се оние кои сеуште ќе се грижат за рејтингот на мак-фудбалот.
На Шкендија и претстои двомечот со шкотскиот тим на Хибернијан во третата елиминациска рунда. Тетовци отпатуваа за Единбург, каде вечерва на стадионот „Истер роуд“ ќе го одработат и официјалниот тренинг пред утрешниот меч.
Охрабрувачки вести доаѓаат од медицинскиот тим на тетовци во однос на Фабрис Тамба и Бојан Димоски Двајцата кои се повредија на реваншот против словенечкиот Браво во второто квалификациско коло. Информацијата вели дека тие немаат сериозни повреди, но одлуката за нивни настап на утрешниот меч, најверојатно ќе биде донесена по вечерашниот тренинг.
Шкендија ќе се обиде да го повтори минатогодишниот успех, која стигна до групната фаза на Конференциската лига. Но, тоа ќе биде исклучително тешко имајќи ги и можните противници во последната елиминациска рунда.
Доколку тетовци прво го минат Хибернијан, во плеј-офот ќе одат на мегдан на подобриот од двомечот меѓу шведскиот Гетеборг и белгискиот Гент.
Во меѓувреме, Шкендија во недела ќе го игра и дербито од Првата македонска лига против Вардар во Скопје.
Утрешниот прв дуел меѓу Хибернијан и Шкендија ќе почне во 20 часот. Реваншот во Скопје е на 13 август (четврток).


































