Македонската младинска ракометна репрезентација до 20 години го заврши настапот во групната фаза на Европското првенство во Романија. Нашите ракометари претрпеа и трет последователен пораз на шампионатот.
Овојпат подобра од нас беше селекцијата на Данска која славеше убедлив триумф со резултат 20-34.
Натпреварот во Клуж донесе целосна доминација на противникот уште од самиот почеток. Данска ја направи клучната разлика во воведните петнаесет минути од средбата. Тогаш противникот се одлепи на високи 9-3 во голови. На полувремето разликата изнесуваше седум погодоци за скандинавскиот состав.
Во вториот дел ривалот рутински ја одржуваше и ја зголемуваше предноста. Техничките грешки во нападот скапо нè чинеа во текот на целиот меч.
По неуспесите против Хрватска и Норвешка, ова е трет пораз за Македонија која ја заврши групата на последното место без освоен бод.
Сега за избраниците на селекторот Игор Илиевски претстои борба за пласман од 13 до 24 место.



































