Кошаркарската репрезентација на Македонија комплетна за Кипар го дочекува утрешниот важен дуел во Скопје. На денешниот попладневен тренинг во спортската сала „Лазар Лечиќ“ се приклучија и интернационалците Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт.

Со нивното доаѓање, селекторот Жозеп Марија Берокал конечно ги има на располагање сите повикани кошаркари. Приклучувањето на Димитријевиќ и Рајт претставува огромно засилување за националниот тим пред новите предизвици во претквалификациите за Евробаскет 2029.

Атмосферата во репрезентативниот табор е на високо ниво, а избраниците на Берокал се подготвени за дуелот со Кипар.

По августовскиот претквалификациски прозорец, Македонија и Кипар имаат идентичен биланс од по една победа во групата „Ф“. Двете селекции претходно ја совладаа Австрија, па утрешниот меѓусебен судир ќе одлучи кој ќе се осамостои на врвот на табелата.

Натпреварот се игра утре со почеток во 18:00 часот во салата „Лазар Лечиќ“.