Кошаркарскиот колектив на битолски Пелистер, прави речиси целосен „ремонт“ на тимот за наредната сезона.
Пелистерци денеска го објавија и седмото ново име во нивната екипа.
Станува збор за уште еден млад македонски кошаркар, Лука Савичевиќ.
24-годишниот Савичевиќ доаѓа во Битола од екипата на Феникс во која играше во вториот дел од минатата сезона, во која претходно настапуваше шпанската кошаркарска академија (СБА). Лука има и искуство од американската универзитетска НЦАА лига, настапувајќи за тимовите на Источен Мичиген и Лафајет колеџ.
Претходно новиот тренер Тане Спасев и раководството на клубот веќе ангажираа нови шест имиња во тимот. Покрај браќата Благој и Бојан Димитриеви, зелено-белииот дрес на Пелистер ќе го носат и: Виктор Златевски, Иван Сапунџиев, Коста Кириловски. Тимот засега има ангажирано и двајца Американци, Алонзо Едвард Денинг и Камрон МекДауел.



































