Во 27. коло од женската ракометна Супер лига, попладнево се одиграа два натпревари во кои фаворитите славеа победи.

Екипата на Спартак на домашен терен го пречека составот на ЖРК Пелистер 2012 од Битола. Натпреварот започна фуриозно за домаќинките, кои со серија од 6:1 уште од самиот старт го наметнаа своето темпо и ја презедоа контролата на теренот. Гостинките од Битола се обидуваа да ја намалат негативата, но не успеваа да најдат решение за расположената игра на Спартак. До 19. минута домашниот тим веќе имаше убедлива предност од +10 (15:5), со што јасно стави до знаење дека нема да дозволи изненадување. Спартак продолжи со доминантна игра до самиот крај на првото полувреме, не оставајќи му простор на противникот за резултатски приклучок. На паузата, домаќинките заминаа со висока предност од 23:10.Во второто полувреме немаше поголеми промени на теренот, а домашната екипа на ЖРК Спартак рутински ја контролираше играта. Гостинскиот состав на ЖРК Пелистер 2012 немаше решение за расположените ракометарки на Спартак, кои продолжија со сигурна и доминантна игра. Во 47. минута Спартак повторно стигна до убедлива предност од 30:18, со што целосно го потврди својот квалитет на овој натпревар. Крајниот резултат гласеше 36:27.

Тимот на Чаир го совлада Куманово и заслужено ги освои бодовите. Иако се очекуваше неизвесен и израмнет натпревар, чаирчанки уште од самиот почеток покажаа дека се решени да ја оправдаат фаворитската улога. Натпреварот започна со водство на домаќинките од 5:3, а со серија од 6:0 во 18. минута успеаја да создадат убедлива предност од 14:6. Со сигурна и организирана игра, Чаир во текот на целото прво полувреме целосно ја контролираше играта и не му дозволи на противникот резултатски да се доближи. На паузата домаќинките заминаа со висока предност од 21:13.Во второто полувреме Куманово се обиде да се врати во натпреварот и во неколку наврати успеа да ја намали негативата. Во 47. минута гостинките намалија на 26:22, а само три минути подоцна стигнаа и до 28:25, внесувајќи дополнителна неизвесност во завршницата. Сепак, Чаир не дозволи пресврт и со смирена игра во клучните моменти ја задржа предноста, не дозволувајќи му на противникот да стигне до израмнување. Во 57. минута гостите стигнаа до висока предност на натпреварот од +8 (34:26), со што практично го решија победникот. До самиот крај рутински ја одработија завршницата и сосема заслужено стигнаа до убедлива победа. Крајниот резултат гласеше 37:26.

Ивона Кимовска