НБА шампионот Оклахома маршира кон втората рунда од плеј-офот, а Детроит се „разбуди“ и го сопре Орландо Ова е епилогот по двата синоќешни натпревар од првата рунда во разигрувањето.

Оклахома Сити забележаа сигурен триумф над Феникс Санс со 120-107 за водство од 2:0 во победи.

Тандерси водеа уште на полувремето, а предноста порасна на недостижни 26 поени во последната четвртина. Феникс се обиде да се врати во финишот, но не успеа да се приближи под десет поени негатива. Шаи Гилџус-Александар блесна со 37 поени и девет асистенции. Чет Холмгрен и Џејлен Вилијамс додадоа по 19 поени за сигурен чекор кон следната фаза. Серијата сега се сели во Феникс, каде домаќините ќе бараат начин да ја сопрат Оклахома Сити.

Најдобриот тим на Истокот, Детроит Пистонс ги консолидираа своите редови и го совладаа Орландо Меџик со 98-83.

Решавачкиот момент се случи во третиот период кој домаќините го добија со убедливи 38-16. Кејд Канингем ја предводеше победата со одличен учинок од 27 поени, 11 асистенции и шест скока. Со овој триумф Детроит израмни на 1-1 во серијата пред гостувањето на Флорида во сабота. Орландо немаше решение за агресивната одбрана на домаќинот во второто полувреме од натпреварот.

Третиот и четвртиот натпревар од оваа пресметка ќе се одиграат пред навивачите на Орландо.