Екипите на Вардар (бранител на трофејот) и на Алкалоид се полуфиналисти во Купот на Македонија, откако денеска постигнаа по две победи во групите во кои се натпреваруваа. На тој начин тие се приклучија на првакот Еурофарм Пелистер, кој претходно избори полуфинале.
Вардар во првиот денешен натпревар го совлада Бутел со 26:19, а потоа беше подобар од Еурофарм Пелистер 2 за пласман во полуфиналето со 27:22. Еурофарм Пелистер 2 во првиот дуел од групата А го победи Мулти Есенс со 28:23.
Во Б групата Алкалоид очекувано триумфираше со двете победи првата против Радовиш со 41:21 и во „малото финале“ против Пролет со 34:18. Ракометарите на Пролет во првиот денешен дуел славеа над Македонија Ѓорче Петров со 37:29.
Во четвртфиналната група што се игра во Охрид ќе биде одреден и последниот полуфиналист. Екипата на Охрид вчера го победи Тиквеш со 42:25, додека утре од 13 часот играат МРК Куманово и Младост. Победникот од овој натпревар од 18 часот ќе игра против Охрид за пласман во полуфиналето.
Завршниот турнир „Ф4“ ќе се игра на 18 и 19.април, а локацијата и организаторот дополнително ќе биде одреден.




































