Ракометарките на Металург Автокоманда олекувано го потврдија својот пласман во 3.коло на ХФ Европскиот куп.
Денес, во реваншот од 2.коло од Европскиот куп, Металург на домашен терен го одигра тимот од Луксембург, Диферданж со 31:24.
Уште од самиот старт, Металург го наметнаа своето темпо и во 13-тата минута поведоа со 9:4. Гостите се обидоа да се вратат во игра и ја намалија разликата на 10:7, но тоа беше нивниот максимум. Металург не дозволи никакво изненадување, па со сигурна и организирана игра постепено ја зголемуваше предноста. Во 25-тата минута домаќините имаа +6 (16:10), а на полувреме заминаа со убедливи 18:12.
Во вториот дел од натпреварот немаше поголеми резултатски промени. Иако Диферданж во неколку наврати се обидуваше да ја намали негативата, Металург сигурно ја контролираше играта и не дозволи драма. Во 45-тата минута предноста изнесуваше +7 (23:16), а до самиот крај темпото остана исто. Натпреварот заврши со конечни 31:24 во корист на Металург.
На првиот дуел Металург славеше со високи 40:25, што уште тогаш практично го реши прашањето околу пласманот понатаму.
Покрај Металург, Македонија ќе има само уште еден претставник во ова натпреварување, шампионот Ѓорче Петрив кој ќе стартува од следната трета рунда. Ова откако екипите на Куманово и Чаир не ја минаа втората рунда.
Ивона Кимовска





































