По поразот од Грција во Атина со 3:0 во претпоследното коло од квалификациите за Европското првенство 2026, машкиот национален тим има само една опција за да обезбеди учество на четвртото во низа континентално натпреварување.

Откако пропуштија избраниците на селекторот Јошко Миленкоски да освојат сет во дуелот со Грците, сега ќе треба билетот за ЕП да го заверат по потешкиот пат. Потребен е убедлив триумф (3:0) над Грузија, со што поголема поен-количник разлика.

Македонија е во „трка“ за место меѓу петте најдобро второпласирани селекции, кои исто така обезбедуваат настап на ЕвроВолеј 2026, заедно со седумте првопласирани екипи од групите од квалификациите. По комплетирањето на претпоследното коло Македонија е во битка со Австрија и Норвешка за евро-билет, со подобар поен-количник од конкурентите.

Затоа на македонските одбојкари ќе им биде потребна безрезервна поддршка од трибините во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, в недела, 20 часот, каде влезот ќе биде бесплатен.

Следете нé на социјалните мрежи