Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија ги одработува подготовките за последните два натпревари во квалификациите за Еп 2026 година. Македонските одбојкари преку дуелите со Грција и Грузија ќе се обидат повторно да бидат дел од европската елита.
Како дел од овие подготовки кои изминатиот период се одвиваа во Маврово, сега следува двомеч со Бугарија. Репрезентација утринава отпатува за Софија каде ќе се играат натпреварите во салата „Левски“ во Софија.
Првиот е закажан за утре (29 јули) во 17 часот, додека втората контрола на 30 јули се игра на пладне.
Двомечот со Бугарите треба да покаже во каква форма е тимот на селекторот Јошко Миленкоски, а во пресрет на евро-квалификациите и кои се елементите на кои треба да се посвети внимание во втората фаза од подготовките.
„Пријателските натпревари со Бугарија ќе дојдат како одлична контрола на она што го работевме во изминативе десет дена во првиот микро циклус во Маврово.
Задоволен сум од тоа како течеше првиот дел од подготовките, момците работеа со висок интензитет, а сега полека влегуваме во фазата на техничко-тактичка подготовка.
Бугарија треба да ни покаже што е добро во нашата игра, а што ќе треба да корегираме во пресрет на дуелот со Грција.
Имаме доволно време, со оглед на тоа дека и следната недела во Скопје не очекува меморијалот ‘Чајка’, кој ќе биде финална проверка на силата“, изјави селекторот Јошко Миленкоски пред заминувањето за Софија.
По двомечот со Бугарија одбојкарите се враќаат во Скопје. Тука од 5 до 7 август во салата „Борис Трајковски“ заедно со Бугарија и Швајцарија ќе настапат на 49-то издание на меморијалниот турнир „Бранко Хаџи Иљоски – Чајка“.
Првиот натпревар од евро-квалификациите Македонија го игра на 13 август во Атина. На17 август во Скопје во последниот меч ја пречекуваме Грузија, за крај на циклусот.




































