Женската ракометна репрезентација на Македонија, не успеа да обезбеди пласман на Светското првенство што ќе се одржи годинава.
Македонските ракометарки, во Битола, го одигра вториот натпревар од баражот против Полска. Македонија се бореше храбро, но не успеа да триумфира и да обезбеди пласман на Светското првенство, загубувајќи од Полска со резултат 23:21.
На почетокот натпреварот се одвиваше израмнето. Полска успеа да поведе со 5:4, но не ја искористи шансата да ја зголеми предноста, па играта продолжи во ритам гол за гол. Во 24-тата минута нашите ракометарки израмнија, а потоа и поведоа со 8:7. На полувреме заминаа со 10:10.
Репрезентацијата на Полска во 37-та минута поведе со 15:13, но Македонија веднаш одговори со серија од 3-1 и успеа да израмни на 16:16. Во продолжение се водеше израмнета борба, при што ниту една од двете селекции не успеваше да се одвои и да го задржи водството. Во 49-та минута, Полска со серија од 2-0 успеа да поведе со 20:18, но нашата репрезентација уште еднаш покажа карактер и брзо израмни на 20:20. До крајот, двете репрезентации продолжија во исто темпо, но Полска успеа да ја задржи предноста и натпреварот заврши со резултат 23:21.
Најефикасни од нашата репрезентација беа Дамјановска си пет погодоци а Младеновска постигна четири гола.
Ивона Кимовска