Фудбалската репрезентацијата на Македонија до 21 година е во Белек, Анталија каде што во наредниот период има подготовки под водство на новиот селектор Горан Станиќ.
Во склоп на овие подготовки во Анталија, нашата млада репрезентација ќе одигра и два тест меча против Белорусија и Азербејџан.
Напаѓачот на Септември Софија и член на нашата репрезентација, Никола Величковски даде свое видување за претстојните предизвици.
„Сакаме гордо и достоинствено да ја претставиме нашата земја. Сите сме подготвени да го дадеме максимумот и да го оставиме срцето на терен за дресот со државен грб.
Оваа репрезентација поседува квалитет, голем дел од играчите што се моментално во Анталија на подготовки беа во репрезентацијата до 19 години, која пред година дена успеа да оствари голем успех со пласманот во Елитната рунда на квалификации за ЕП.
Имаме одлична атмосфера, добро се познаваме меѓусебно и посакуваме успех. Имаме тешка квалификациска група во која ќе се соочиме со репрезентации кои се на самиот врв на Европскиот фудбал.
Максимално сме мотивирани, можеме и сакаме да се натпреваруваме и надигруваме со секоја репрезентација. Поседуваме квалитет и силен карактер, сигурен сум дека тоа ќе го докажеме на теренот.
Кочанската трагедија секако влијае и на младите македонски фудбалери, кои со тешко срце одработуваат овие подготовки..
Во овие тешки моменти за нашата држава сакам да изразам големо сочувство на семејствата на загинатите го големата трагедија“.
Првиот натпревар со Белорусија е закажан за 21 март со почеток во 16 часот. На 25. март од 18 часот ќе играме со Азербејџан.