Австрискиот скокач Штефан Крафт со победа го започна својот настап на новогодишната турнеја „Четири скокалници“.

Австриецот триумфира на првата станица од турнеја во германскиот ски-центар Оберстдорф. За триумф на Крафт му беа доволни скокови од 138 во првата и 135,5 метри во втората серија. Крафт заврши на првото место со 335,1 поен.

Австријците се истакнаа во воведното натпреварување, а покрај Крафт, на подиумот се пласираа уште двајца.

Втор беше Јан Хоерл со скокови од 134,5 и 135 метри и со вкупно 331,6 поени. Славјето на Австријците го комплетираше Даниел Цофениг, кој прескокна 131 и 140,5 метри, а заврши со 323,6 поени.

Натпреварите на турнејата ќе продолжат на првиот ден од 2025 година во Гармиш-Партенкирхен, Германија.