Кошаркарите на Пелистер по загубените шанси за пласман во плејофот на АБА2 лигата, сега се насочени кон домашните обврски.
Победа над Чаир значително ја крена атмосферата во таборот на „зелено-белите“ кои очекуваат триумфално да ја завршат 2024-тата година.
Пелистерци ги очекува дуел со Вардар, а потоа и со лидерот на табелата ТФТ. Целта е јасна две победи со кои би го одржале чекорот на врвот на прволигашката табела.
„Тимската игра и колективната одбрана беше клучен фактор за да го победиме Чаир. Тоа е исклучително важна победа што ни ја врати самодовербата и очекувам уште подобри изданија во иднина.
Никогаш не е пријатно кога екипата ќе се најде во криза, тоа се надминува само со напорна работа и дисциплина на тренинзите и ние го сторивме токму тоа.
Внимававме на деталите кои ни беа слабост, коригиравме одредени работи во нашата игра и заслужено славевме против Чаир“, изјави Лука Стојановски.
Следниот противник Вадар (сабота, 14 часот, сала СРЦ Кале), досега се нема израдувано на победа, но Стојановски смета дека „црвено-црните“ никако не смеат да бидат потценети.
„Вардар е идеален противник за да споиме две победи. Квалитетот е на наша страна, но тоа не значи ништо ако нема максимално залагање.
Вардар има млад и мотивиран тим, затоа не смее да биде потценет на саботниот натпревар“, порачува Стојановски.



































