Ракометарите на Вардар претрпеа убедлив пораз на гостувањето кај германскиот претставник во Лига Европа Мелсунген. Бундеслигашот го доби дуелот од второто коло од „Ф“ групата со Вардар со 34:18 (17:10).
Резултатска неизвесност имаше само на почетокот на дуелот кога беше резултатот 1:1, по што следуваше серија од 4-0 за Мелсунген и водство од 5:1. Тајм-аутот на вардарци во 7-та минута, донесе резултат во играта на македонскиот тим, но само за кратко. Германскиот тим брзо стигна и до +6 (9:3). По 10:4 за Мелсунген, Вардар ги одигра најдобрите минути на дуелот и ја намали негативата на 11:9. Сепак до крајот домашниот тим имаше уште една серија од 6-1 за на полувреме да биде 17:10.
Лошо „отворање“ и на вториот дел за Вардар и Мелсунген поведе со 21:10 по серијата од 4-0 и следуваше нов тајм-аут за Вардар. Екипата на Мелсунген во 51.та минута за првпат ги имаше и највисоките на дуелот +16 (30:14).
Јан Баруфет, Елвар Јонсон и Адриан Шипош кај Мелсунген со по 5 голови беа најефикасни, додека кај Вардар Младен Крсманчиќ постигна 4.
На чело на табелата Мелсунген е прв со 4 бодови, пред Вардар со 2, додека вториот дуел од групата меѓу Валур и Порто е во тек.
Во следното коло Вардар во вторник на 22 октомври на домашен терен го игра дуелот со Порто.