Македонскиот ракометен вицепрвак Вардар денеска ја отвора сезоната на европската сцена. Вардарци годинава ќе настапува во групната фаза на второто по квалитет натпреварување ЕХФ Европската лига.
Црвено-црните ќе играат во „Ф“ групата против Порто (Португалија), Мелсунген (Германија) и Валур (Исланд). Целта секако ќе биде Вардар да заврши меѓу двете прворангирани екипи кои ќе се пласираат во осминафиналето.
На стартот вардарци пред своите симпатизери ќе го пречекаат исландскиот тим Валур.
Тренерот Владо Недановски не ќе може да смета на левиот бек Дмитро Горига. Украинецот ќе биде надвор од терените подолго време, откако заработи тешка повреда на шутерската рака. Сепак тука е искусниот Борозан, како и Петриќ и Николиќ.
Недановски смета дека иако за противник има квалитетна екпиа, сепак, вардарци ќе ја имаат улогата на фаворит на овој меч.
Премиерниот меч во новата сезона меѓу Вардар и Валур што ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ ќе почне од 20.45 часот.