Младата кошаркарска селекција на Македонија за играчи до 16 години го претрпе првиот пораз на Европското првенство.
Во третиот натпревар од „Б“ дивизијата на шампионатот во Скопје, Македонија е совладана од Естонија со 57-76 .
Напите кадети само еднаш во текот на мечот успеаја да поведат, а во два наврати да го израмнат резултатот. Се останато беше во знакот на естонските млади кошаркари.
Уште од самиот почеток тие ја контролираа играта и резултатот. На полувремето Естонците заминаа со предност од 10 поени (41-31). Во третиот период ја зголемија за уште осум поени (63-45), па уште тогаш беше јасно дека поразот за Македонија е неизбежен.
Григориј Ѓорѓевиќ со 11 и Љубен Ефимовски со 10 поени беа единствените двајца македонски репрезентативцки кои завршија со двоцифрен број на поени.
Утре нашата селекција со победа над Австријците ќе се врати на втората позиција во „Д“ групата, а со тоа ќе и донесе и пласман во четвртфиналето.
Работата може да ни ја олеснат Естонците, доколку утре во првиот меч од нашата група, ја победат Шведска.