Машката ракометна репрезентација на Македонија претрпе убедлив пораз на гостувањето кај Фарски Острови (34-27) во првиот бараж дуел.

Седумте гола негатива ја отежнуваат мисијата на црвено-жолтите за пласман на Светското првенство.

Сепак, селекторот Кирил Лазаров не губи надеж и ќе верува дека мисијата може да се оствари со поддршка од публиката.

„Фарски Острови беше подобар противник на вчерашниот натпревар и заслужено победи. Ни направија многу проблеми и во нашиот напад каде бевме приморани да играме „седум на шест“ доста време, а не сакавме да играме на тој начин.

Нивниот напад беше технички скоро перфектен, иако бевме спремни за нивниот систем на напаѓање, сепак истите работи поминуваа.

Нема да губиме надеж и ќе веруваме до крај. Имаме неколку дена да се консолидираме и да пробаме да ја анлуираме негативата од седум гола.

Ќе ни треба поддршка од публиката како никогаш до сега. Ќе се бориме и веруваме во позитивен исход во недела“, изјави Лазаров.

Реванш натпреварот ќе се игра во недела од 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“ .