Драган Начевски ја доби пресудата за наводното „местење“ на натпревари, за што беше обвинет од данската телевизија ТВ2.

Начевски кој ја извршуваше функцијата на претседател на Судиската комисија на ЕХФ, е суспендиран на две години, а ќе треба да плати и 5.000 евра.

Сепак, долгогодишниот македонски арбитар, има и право на жална на новата одлука на Ракометниот суд на ЕХФ.

Во соопштението на ЕХФ се вели:

Драган Начевски беше ослободен од должноста претседател на судиската Комисијата за натпревари на ЕХФ во мај 2023 година, откако ЕХФ доби информација од данската телевизија ТВ2 дека тој бил вклучен во разговор со наводен кинески бизнисмен.

Во овој “сет-ап“ беше допрена темата за местење натпревари. Иако Начевски ја одби понудата, тој не го пријави пристапот до надлежните органи во ЕХФ. Жалбата против првичната одлука на Ракометниот суд на ЕХФ беше успешна од формални причини и Апелациониот суд на ЕХФ го врати предметот на првостепена.

Во својата нова одлука, Ракометниот суд на ЕХФ утврди дека Начевски е суспендиран од вршење на какви било функции во рамките на ЕХФ и учество во какви било активности на ЕХФ, за две години од датумот на одлуката (12 април 2024 година).
Периодот помеѓу првичната одлука на Ракометниот суд (11 септември 2023 година) и одлуката на Апелациониот суд (9 ноември 2023 година), односно два (2) месеци, се одзема од периодот на суспензија.

Дополнително, Начевски ќе плати казна од 5.000 евра за прекршување на основните обврски наведени во Правилникот на ЕХФ и во Кодексот на однесување на ЕХФ.

Оваа одлука се однесува само на повреди во врска со непријавување. Сè уште се во тек правните процедури и истраги за недостаток на интегритет и неправилности во обложувањето.

Во рок од седум дена може да се поднесе жалба до Апелациониот суд на ЕХФ.