Македонската фудбалска репрезентација до 21 година денеска во 16. часот, на тренинг центарот „Петар Милошевски” ќе го одработи првиот тренинг со кој ќе означи официјален старт на подготовките за двата квалификациски натпревари на домашен терен против селекциите на Гибралтар и Шведска за пласман на Европско првенство 2025 година.
Во првиот меч од мартовскиот циклус, на 21. март ќе се соочиме со репрезентацијата на Гибралтар. Пет дена подоцна на програмата е дуелот против силната Шведска.
Двата квалификациски натпревари ќе ги одиграме пред домашната публика, на националната арена „Тодор Проески”.
Стандардниот член на младата репрезентација на Македонија и фудбалер на Работнички, Стефан Деспотовски даде свој коментар за предизвиците што не очекуваат во следниот период.
,,Со нетрпение ги очекуваме дуелите со Гибралтар и Шведска. Играме на домашен терен, што претставува позитивна работа за нас. Сакаме да покажеме дека победата над Шведска во првото коло не беше случајна. Најпрво треба да одиграме меч со Гибралтар.
Фокусирани сме максимално на тој меч кој мораме да го добиеме. Имаме одлична атмосфера во репрезентацијата.
За сите нас преставува огромна чест и задоволство да се носи овој дрес. Со нетпрение очекуваме повторно да го облечеме дресот со државен грб и да излеземе пред нашите навивачи. Време е да се вратиме на победничките патеки”,
вели Деспотовски
Во досегашниот тек од квалификациите за пласман на Европско првенство, во рамките на групата 7, Македонија има скор од една победа и три порази.