Три машки ракометни репрезентации на Македонија денеска ќе одиграат натпревари во рамките на ЕХФ неделата.

Почнувајќи од најмладите, кадетската селекцијата до 18 години која е во Подгорица. Избраниците на селекторот Наум Танески попладнево (13.30 часот), втор пат ќе „спарингуваат“ со Црна Гора.

Во вчерашниот прв дуел, македонските кадети славеа убедлива победа со 28-20. Овие натпревари се дел од подготовките за Европското првенство што летово ќе се одржи токму во Црна Гора.

По нив ќе следува настапот на најдобрата, сениорска репрезентација. Кирил Лазаров со неговите 17-мина избраници, се во романскиот град Данубиус. Таму против Романците ќе одиграат два контролни натпревари. Денешниот (17 часот) ќе биде од затворен карактер, а утрешниот (16.30 часот) ќе може да го следите ОВДЕ ВО ЖИВО.

Инаку сениорите се подготвуваат за двомечот со Фарските острови преку кои ќе бркаат настап на Мундијалот следната година.

Во Скопје единствено ќе играат младинците, репрезентацијата до 20 години. Сепак, двата натпревари против хрватските врсници, во Автокоманда, ќе бидат од затворен карактер.

Инаку двете репрезентации ќе играат и во иста група на Европскиот шампионат во Словенија. Во неа за конкуренти ќе ги имаат и селекциите на Црна Гора и Австрија.